Поимник

Примарната  Цел на овој поимник е да ви ги помогне  во  разјаснувањето на  поимите и термините  што ги употребуваме на нашиот веб сајт, како да ви го олесни   пополнувањето на пријавите.

Вработување - оваа категорија  се однесува на дискриминацијата која настанала при вработување, дискриминација која настанала во огласите за вработување, на тестирањата при вработување, интервјуата за работа и слично.

Вознемирување - категоријата вознемирувања ги опфаќа сите видови на вознемирување на работното место од страна на вашите претпоставени или од вашите колеги.. Полово вознемирување, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатката /кандидатот/ за вработување или на вработената /вработениот/, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост. Психичкото вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Отпуштање - ова  се однесува на дискриминација која настанала при отпуштање од  вашето работното место, противправно и поради одредени карактеристики на вработениот, како на пример затруднување.

Унапредување - ова се однесува на дискриминација која настанала при унапредување на повисока работна позиција, и како резултат на која вие не сте го добиле унапредувањето само поради ваши лични карактеристики (пол, семеен или брачен статус, родов идентитет, возраст), а не поради послаби резултати на работа.

Плата - ова се однесува на дискриминацијата за висината на платата што ја добивате за работата што ја извршувате на вашата работна позиција во споредба со останатите ваши колеги на иста или слична позиција. Дискриминацијата во врска со плата може да се однесува и на правото на надомест на дополнителна награда (бонус), 13та плата, надомест на Регрес за годишен одмор или слично. Дополнително, дискриминација во врска со платата може да се однесува и на надомест во готовина , пријава на понизок износ, работа без договор, како и случаи на барање за враќање на дел од надоместот кој ви е исплатен од страна на работодавачот.

Работни задачи - ова се однесува на дискриминација која настанала при задавање на работни задачи од страна на вашите претпоставени или пак задачи кои непотребно се зададени од страна на вашите колеги, со цел повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот или кои предизвикуваат чувство на страв или создаваат непријатност, пониженост.

Технолошки вишок, принуден одмор - ова се однесува на случаи кога работодавачот неправедно ве дискриминира на тој начин што поради некои ваши лични карактеристики (пол, семеен или брачен статус, родов идентитет, возраст) ве прогласи за технолошки вишок или сте испратени на принуден одмор од вашата работна позиција, а тоа не се должи на реална ре/организација или потреба од работниот процес.

Професионална надградба - ова се однесува на случаи кога поради ваши  лични карактеристики (пол, семеен или брачен статус, родов идентитет, возраст) сте дискриминирани и поради тоа вашата професионална надградба е загрозена (не ви даваат можност за доквалификација, посета на обуки и слично).

Работни поволности - ова се однесува на поволностите што ви ги нуди вашето работно место, дали вие на некој начин се чувствувате дискриминирани и поради тоа овие поволности не ви се обезбедени (работа од дома, право на службен телефон, и сл.)

Се надеваме дека овој поимник ви даде јасен преглед на категориите на видови дискриминација кои можете да ги пријавите. Доколку имате дополнителни прашања или пак вашиот случај не знаете во која категорија да го класифицирате, ви стоиме на располагање за дополнителни информадции или помош. Ве молиме исконтактирајте не.

© 2015 Пријави дискриминација. All rights reserved